ПОЛУВРЕМЕ: Македонија игра одлично, нерешено е на паузата со Унгарија

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Македонија игра извонредно прво полувреме во Вараждин против моќната Унгарија, па по 30 минути игра нашата национална селекција има израмнети 14-14 фаворитот во групата. „Црвено-жолтите“ покажуваат се што се бара од нив, фанатичност и во нападот и во одбраната, а бодрени од над 1.000 Македонци во салата во Вараждин избраниците на Лазаров го покажаа своето вистинско лице. Штета е што на одмор не одат со предност, ако се знае дека во неколку ситуации имавме позитива од три гола, но плативме за падот на концентрацијата во финишот.

Селекторот Лазаров се реши за Митревски на голот, Лазаревски како пивот и во срцето на одбраната, потоа Костески и Петар Атанасијевиќ на крилните позиции, додека бековското трио од стартот го сочинуваа Кузмановски, Велковски и Митев (се менуваше напад-одбрана со Никола Маркоски).

Митев го реализираше нашиот прв напад, но Унгарците беа прецизни во своите први два напада (0-1 и 1-2). Противникот лесно ја пробиваше нашата одбрана и во 6. минута имаше водство од 2-5, пред се благодарение на одличниот Зоран Илиќ, кој постигна четири од петте гола на својата селекција.

Кузмановски ја запре мини-серијата на противникот со гол од полуконтра, Митревски одлично одбрани, по што Велковски биеше прецизно на спротивната страна и Македонија веднаш се врати во мечот (4-5). Противникот почна да греши, а капитенот Кузмановски постигна уште еден гол и израмни на 5-5, на воодушеввување на публиката која создаде извонредна атмосфера во салата во Вараждин.

Македонското шоу продолжи со обид за цепелин во 12. минута, но Кузмановски беше запрен со прекршок, а Серафимов од седум метри донесе прво водство на Македонија (6-5). Митревски блескаше на голот со нов запрен зицер од крило, а Кузмановски повлече уште една полуконтра за гол и наша предност од 7-5. Кузмановски игра како вистински лидер, па со нов гол донесе водство од „плус три“, принудувајќи го Чема Родригез на тајмаут при наша предност од 9-6. Нашиот рецепт продолжи и по таа минута одмор, Митревски го запре Бодо, а Кузмановски даде уште еден гол за 10-6 за Македонија.

Влеговме во криза во нападот, промашивме зицер од пивот, потоа и седмерец, но Митревски повторно одбрани одлично спречувајќи противникот да се врати, по што Кузмановски даде нов гол за 11-8. Унгарија дојде на 11-10, но Митев блесна со прекрасен погодок, потоа и со изнудено исклучување. Вистинска штета е што не реализиравме уште еден пенал во 28. минута, Унгарија постигна два среќни гола за кратко време и се врати. Кире Лазаров побара тајмаут на 82 секунди до крајот на полувремето, при наше водство од 14-13, потоа тргнавме „седум на шест“ и ја загубивме топката, делувавме конфузно во нападот во таа завршница и на одмор заминавме со израмнети 14-14, откако судиите по долго прегледување го поништија голот што со звукот на сирената го постигна Мартин Серафимов.

Се вчитува...