Ракометната репрезентација на Македонија има предност од 18-15 по првите 30 минути игра на денешниот пријателски натпревар со Грција, како дел од подготовките за ЕП 2024. Очекувано, селекторот Лазаров често ротира во обид да воигра што повеќе комбинации и во нападот и во одбраната, затоа и имавме значителни проблеми во првите дваесетина минути, но затоа во завршницата од полувремето влеговме во посакуваниот ритам и со преврт стигнавме до предност од три гола.
Македонија мечот го почна со Џонов, Талески и Велковски во бековската линија, Атанасијевиќ и Ненад Костески на крила и Лазаревски како пивот, на местото на Пешевски кој поради болест го пропушти денешниот натпревар. Грците изненадија со одличен почеток, за една минута игра поведувајќи со 2-0. Македонија речиси пет минути беше без постигнат гол, период во кој зицери не реализираа Лазаревски и Костески, пред Атанасијевиќ конечно да погоди за намалување на негативата на 1-2. Грција рутински ја одржуваше предноста во почетните десет минути, лесно наоѓајќи одговор за нашата одбрана и поведувајќи со 5-7.
Митревски првата одбрана ја забележи во 12. минута при 5-7, а во 12.минута Филип Кузмановски влезе на позицијата среден бек на местото на Џонов. Македонија се обиде и со „седум на шест“, одбраната остана проблем, но сепак успеавме да се вратиме и во 20. минута со голот од контранапад на Кузманоски да израмниме на 10-10. Филип Кузмановски не реализираше пенал при 10-11, но затоа Митев беше прецизен од седум метри во 26. минута, за ново израмнување на натпреварот (13-13).
Митревски собра уште една одбрана, по што следеше прекрасна акција на нашите крила и додавање на Кузманоски до Костески, за прво водство на Македонија на мечот (14-13). Во одбраната конечно профункциониравме како што треба, пристигнаа и лесни голови од контранапад, па преку Костески и Савревски поведовме со 17-14 на две минути до крајот на полувремето, принудувајќи го грчкиот селектор на тајмаут. Македонија умешно го финишираше полувремето со три гола предност (18-15), во очекување нашите ракометари и во вториот дел да продолжат онака како што го завршија првото полувреме.
Ненад Костески со пет и Лазаревски со четири гола се најефикасни во нашиот табор во првото полувреме, додека Митревски на голот има седум запрени удари на противничката селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА