Полувреме: Македонија покажува знаци на живот, Чиле води со „плус еден“

Македонија се наоѓа во негатива од еден гол (16-17) по првото полувреме од клучниот меч против Чиле за пласман во следната фаза од СП 2021. „Црвено-жолтите“ покажуваат знаци на живот, играат далеку подобро во нападот отколку на претходните средби, но мора да ја подобрат играта во одбрана доколку сакаат да стигнат до триумф што ќе ги однесе во втората групна фаза од овој шампионат.

Брестовац изненади со почетниот состав, изоставувајќи го Филип Талески и од нападот и од одбраната. Никола Митревски одлично го почна мечот, бранејќи три удари уште при првиот напад на Чилеанците, додека Мишевски (кој го зазеде местото на Талески) го постигна првиот гол за Македонија на овој натпревар. Сепак, проблемите во нападот беа очигледни, тешко се создаваше позиција за шут, непрецизни беа и првите два обиди на Кире Лазаров, додека Костески промаши зицер од крило. Чиле поведе со 1-3, но Кузмановски презеде одговорност во моментите на криза, постигнувајќи гол и изнудувајќи исклучување.

Младиот Костески постигна два гола во низа од десно крило и го израмни резултатот на 4-4. Сепак, Чиле поведе со 6-4, а проблем повеќе за нас претставуваше повредата на Танкоски на почетокот од 14. минута. Македонија сепак успеа да се врати, Мишевски одигра добро во одбраната, Костески на спротивната страна беше прецизен од контранапад за 6-6, по што чилеанскиот селектор побара тајмаут. Стоилов го заработи второто исклучување, Чиле пак поведе, но Кире Лазаров со својот прв гол, постигнат со играч помалку на теренот, донесе ново израмнување (8-8).

Првото водство на Македонија на натпреварот го донесе Кире Лазаров со гол од пенал во 22. минута (10-9). Двете селекции се менуваа во минимално водство, па по загубената топка поради пробивање на Крстевски, Чиле беше селекцијата што поведе со 13-14 на пет минути до крајот на полувремето. Следеше нова загубена топка, па примен гол за 13-15, по што Брестовац го побара својот прв тајмаут на натпреварот. Крстевски, кој доби шанса на овој натпревар, пријатно изненади со два гола во првото полувреме во нападот, пред крајот на полувремето прецизен беше и Димитриоски, но слабата игра во одбраната придонесе на одмор да заминеме со негатива од 16-17.

На 30 минути до крајот, Македонија има реални шанси за победа и пласман во следната рунда, но неопходно ќе биде да се заигра многу подобро во одбраната.

Се вчитува...