ПОЛУВРЕМЕ: Македонија води во Талин

Македонската кошаркарска репрезентација има предност од 38-39 по првото полувреме од гостувањето во Талин против Естонија, во клучниот меч од квалификациите за Евробаскет 2025. Нашите кошаркари мора да слават со најмалку пет поени разлика, а со играта што ја покажаа пред се во втората четвртина јасно ставија до знаење дека тоа не е невозможна мисија, особено откако Димитријевиќ и Шортс добија помош од Андреј Маслинко.

Дуелот почна лошо за нашата репрезентација, ако се знае дека Естонците од самиот старт наметнаа силно темпо, за помалку од три минути поведувајќи со 9-2. Димитријевиќ ги постигна првите осум поени за Македонија, намалувајќи на 11-8, но Естонците лесно влегуваа во нашиот рекет користејќи го недостигот на високи кошаркари во македонскиот табор. Шортс ги постигна првите поени намалувајќи на 13-10, но следеа пет поени во низа за домаќините, по што селекторот Јончевски при негатива од осум поени (18-10) го побара првиот тајмаут на натпреварот. Робев постигна тројка веднаш по тајмаутот, a првата четвртина заврши со 22-17 за естонскиот состав.

Почетокот на втората четвртина мина во знакот на Ти-Џеј Шортс, нашиот репрезентативец беше незадржлив и експресно донесе израмнување од 24-24, принудувајќи го естонскиот селектор на тајмаут на почетокот од 13. минута. Шортс од линијата за слободни фрлања донесе и предност од 24-26, a Андреј Маслинко презеде одговорност, постигна шест поени во низа и донесе предност од 34-35. Печат на првото полувреме стави токму Маслинко на асистенција на Шортс, па на одмор заминуваме со предност од 38-39.

Шортс има 13 поени и 4 асистенции во првото полувреме, Димитријевиќ реализираше 13 поени, четири скока и три асистенции, додека Маслинко има 8 поени зад своето име.

Ако продолжиме во ваков ритам, победата од најмалку пет поени разлика воопшто не е невозможна мисија.

Се вчитува...