Македонија има предност од минимални 13-14 по првото полувреме против Хрватска, на првиот контролен меч што нашите ракометари го играат во Вараждин непосредно пред почетокот на СП 2025 што ќе го играме токму во овој хрватски град. Во главна улога е нашиот голман Никола Митревски со осум одбрани, голем дел од нив запрени чисти зицери на противникот, а за одбележување е покажаниот карактер и камбекот по негативата од три гола што ја имавме кон средината на полувремето.
Лазаров го почна мечот со Митревски на голот, Кузмановски, Митев и Велковски на бековските позиции, Атанасијевиќ и Костески како крила и Милан Лазаревски на пивотменската позиција од самиот почеток. Токму Лазаревски изнуди пенал во нашиот прв напад што Кузмановски го претвори во гол за 1-1, одбраната ни функционираше сосема солидно и по осум минути игра резултатот гласеше 2-2.
Македонија продолжи да парира, се играше „гол за гол“, па со голот на Пешевски во 12. минута израмнивме на 5-5. Хрватска за првпат поведе со два гола предност со 7-5, но Митев изнуди пенал што капитенот Кузмановски рутински го претвори во гол за 7-6. Дувњак погоди од сопствените шест метри во празна мрежа за 8-5, а веќе во следниот напад Хрватска имаше и зицер за „плус три“, но Митревски фантастично интервенираше. Како што одминуваше времето имавме се поголеми проблеми во нападот, Лазаров за момент се обиде и со „седум на шест“, но противникот ја презеде контролата и преку Мартиновиќ поведе со 9-6.
Лазаров зеде тајмаут, Атанасијевиќ за момент ја прекина серијата на домаќините, а Митревски со седмата одбрана во 24. минута (нов запрен зицер), овозможувајќи Павле Атанасијевиќ со прекрасен гол да намали на само еден гол негатива (11-10). Одбраната доби на интензитет, овозможувајќи лесен гол од контранапад преку Џонов, за израмнување на 11-11, принудувајќи го Сигурдсон да го побара својот прв тајмаут на натпреварот.
При 12-12 имавме одлична шанса за водство, но Кузмановиќ го запре седмерецот на Филип Кузмановски. На спротивната страна примивме гол и исклучен беше Карасманакис, но Македонија одигра одлично во финишот и преку Серафимов и Џонов замина на одмор со водство од 13-14.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА