ПОЛУВРЕМЕ: На пауза со „минус еден“, иако имавме водство и контрола до 28. минута

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација има негатива од еден гол по првото полувреме од дуелот со Австрија, меч што нашите ракометари го играа одлично се до 28. минута, но падот на концентрацијата во финишот придонесе противникот да се врати и на одмор да замине со минимална предност.

Македонија отвори со гол преку Лазаревски на асистенција на Велковски, нашите ракометари делуваа полетно на стартот, па преку Митев и Петар Атанасијевиќ во 5. минута поведовме со 3-1. Чешките судии од стартот почнаа со чудни одлуки, не досудија очигледен пенал над Кузмановски во 3. минута, а три минути подоцна го исклучија нашиот капитен кој застана мирно за да изнуди пробивање од еден австриски играч. Местл се разбрани на голот на Австрија, со две одлични интервенции прекинувајќи го нашиот ритам во нападот. На нашиот гол застана Кизиќ, бранејќи го пеналот на противникот пред повторно да му го отстапи местото на Митревски при наше водство од 4-3.

Митев блесна со гол од пробив за 6-4, притоа и исклучување за Хербургер. Предноста од играч повеќе ја искористивме со гол на Лазаревски и наша прва предност од три погодоци (7-4, 17. минута). За жал, потоа следеше пад во нашата игра, по што Австрија за помалку од две минути израмни на 7-7. Одговоривме со голот на Митев и на Кузмановски (од пенал), по што австрискиот селектор во 21. минута го побара првиот тајмаут на мечот при наше водство од 9-7.

„Фалангата“ беше во значително помал број во однос на првата фаза, но присустните во салата им даваа голема поддршка на нашите ракометари. Австрија уште еднаш успеа да се врати и израмни на 11-11, а потоа во 29. минута и дојде до прво водство на мечот (11-12) преку пивотот Вагнер, по што Лазаров беше принуден да побара тајмаут. Серафимов даде гол веднаш по тајмаутот, голманот Митревски блесна со украдена топка по која Атанасијевиќ израмнии на 13-13, но по примениот гол во последната секунда на одмор заминавме со „минус еден“ (13-14).

Се вчитува...