ЕКИПА во Клаипеда,
Стеван Цаневски
Македонија има водство од 43-46 по првото полувреме на гостувањето против Литванија, 20 минути кои минаа во знакот на Ненад Димитријевиќ. Нашиот најдобар кошаркар игра меч за паметење, им држи лекција на литванските кошаркари и за едно полувреме веќе нанижа 28 поени, надополнети со четири асистенции и три украдени топки.
Литванците отворија со две атрактивни забивања преку Еходас, додека Димитријевиќ ги постигна првите поени за Македонија (4-2, 3. минута). Судискиот критериум на стартот беше сосема различен во однос на мечот со Скопје, па Литванците за три минути веќе направија четири прекршоци. Ѓуроски ја погоди првата тројка за Македонија, израмнувајќи на 6-6, за веднаш потоа Димитријевиќ да украде топка и да погоди тројка за наше водство од 6-9. „Црвено-жолтите“ продолжија одлично, Димитријевиќ повторно стрелаше прецизно, па при наше водство од 6-11 домаќините го зедоа првиот тајмаут. Шутот на Литванците проработе по таа минута одмор, Димитријевиќ блескаше, но домаќините погодија три тројки во серија и намалија на 17-18. Димитријевиќ имаше одговор за се, во првите сум минути веќе нанижа 16 поени, а Македонија поведе со 17-23.
Првата четвртина заврши со 23-27 за Македонија, токму благодарение на Димитријевиќ кој за десет миути имаше 18 поени, 4 асистенции и две украдени топки. Литванија го отвори вториот период со серија од 5-0,по што Јончевски го побара својот прв тајмаут при водство на домашниот состав од минимални 28-27. Димитријевиќ доби заслужен одмор, но резервите на Македонија одиграа одлично и по положувањето на Стајиќ за водство од 30-36, дојде ред на Куртинаитис да побара нов тајмаут. Домаќините постигнаа пет поени во низа, Јончевски побара минута одмор, по што Димитријевиќ реализираше стигнувајќи до својот 20. поен на натпреварот. Големиот ас го продолжи своето шоу, Македонија на одмор замина со предност од токму благодарение на Нено и неговите 28 поени за едно полувреме.
Димитријевиќ е клучна фигура со 28 поени и 4 асистенции, Крстевски има 6 поени, а Ѓуроски пет за нашиот национален тим во ова одлично прво полувреме во Клаипеда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА