ПОЛУВРЕМЕ: Одбраната катастрофа, голманите без интервенција – нерешено на одмор против Естонија

Очекувањата беа дека Македонија рутински ќе слави на вечерашниот меч со Естонија на стартот од квалификациите за ЕП 2026, но нашите ракометари се соочија со огромни проблеми во првото полувреме кое заврши со израмнети 20-20. Самиот резултат јасно укажува, одбраната на нашата селекција е катастрофална, аголманите Кизиќ и Томовски за 30 минути игра немаа ниту една единствена интервенција.

Селекторот Лазаров реши да стартува со Кизиќ на голот, Петковски и Атанасијевиќ на крилните позиции, Пешевски како прв пивот и Кузмановски, Павле Атанасијевиќ и Велковски во бековското трио. Павле Атанасијевиќ го постигна првиот гол на мечот, овој ракометар продолжи максимално мотивирано и во следните 60 секунди изнуди два пенала и едно исклучување, по што Македонија поведе со 3-1 со седмерецот на Филип Кузмановски. Капитенот Кузмановски го продолжи гол-шоуто, во шестата минута постигнувајќи го својот петти гол на мечот за предност од 6-3.

Избраниците на Лазаров лесно го контролираа резултатот, а естонскиот селектор побара тајмаут при негатива на неговата селекција од 9-6. Митев во меѓувреме влезе во игра и набрзина постигна два погодоци, аЛазаров при 11-8 во 14. минута се реши и за голманска смена, уфрлајќи го Томовски на местото на Кизиќ. Влеговме во серија на промашени зицери (Пешевски и Петар Атанасијевиќ), а гостите го искористија тоа за да намалат на два гола разлика (14-12) во 20, минута од мечот.

Нашите голмани во првите 25 минути немаа ниту една интервенција, па противникот намали на 17-16. Естонците играа агресивно во одбраната, во 25. минута го направија шестото исклучување, но продолжија со ефикасна игра во нападот, при 19-19 принудувајќи го Кире Лазаров да побара тајмаут. До крајот на полувремето и двете селекции дадоа по еден гол, па на одмор се замина со израмнети 20-20.

Филип Кузмановски е најефикасен во нашиот табор со шест гола, Митев, Серафимов и Петковски имаат по три погодоци, но нашиот проблем е во одбраната, каде ќе мора да се игра многу подобро ако се сака да се стигне до триумф.

Се вчитува...