ПОЛУВРЕМЕ: Одлично дерби, Вардар со „плус еден“ на пауза

Вардар има водство од минимални 12-11 по првите 30 минути игра на големото дерби против Е. Пелистер во рамките од осмото коло од ракометниот плејоф на Македонија. Големата пресметка ги оправдува очекувањата, се игра цврст ракомет со одлични одбрани на голманите, а особено радува спортската атмосфера во која се игра овој дерби-дуел. Водството на Вардар е заслужено ако се знае дека „црвено-црните“ од самиот почеток го контролираат резултатот, во обид да стигнат до победа со која би останале во игра за шампионската титула.

Дербито го отвори Лазаревски со гол од својот прв обид на мечот, по одличната асистенција на Јапонецот Јасухира. Вардар ја одржуваше минималната предност, а Томовски ги крена на нозе домашните навивачи со одбранетиот пенал на Кузмановски во 9. минута, при водство на Вардар од 4-3, по што Родригез во 11. минута за првпат го донесе Вардар на „плус два“ (6-4). Васиљев го имаше првото исклучување на мечот во 17. минута по еден груб старт врз Николиќ, но Вардар не ја искористи предноста откако Лесјак мајсторски го запре зицерот на Лазаревски, па Радивојевиќ од седум метри на спротивната страна израмни на 7-7.

Гоце Георгиевски го постигна својот прв гол по уште една извонредна систенција на Јасухира, а Јапонецот го продолжи своето шоу со извонреден погодок по соло акција за 9-8. Томовски му одбрани зицер на Васиљев, по што Родригез повторно беше играчот што донесе „плус два“ за „црвено-црните“ (10-8). Шоуто на Томовски продолжи со одбранет пенал на Радивојевиќ, па Ангеловски побара тајмаут во обид да ја запре мини-серијата на Вардар при негатива од два гола на својот тим. Советите вродија со плод и „пелистерци“ набрзина дадоа два погодоци, преку Пешевски израмнувајќи на 10-10.

Гоце Георгиевски блесна прд крајот на полувремето и со два гола во серија донесе водство на Вардар од 12-10, Манасков имаше големо промашување од зицер од крило, домаќинот промаши напзад за „плус три“, по што Пешевски беше прецизен пред самиот крај на полувремето и на одмор се замина со минимална предност на Вардар од 12-11.

Гоце Георгиевски и Хансер Родригез со по три гола се најефикасни во таборот на „вардарци“, додека кај Е. Пелистер најдобри стрелци во овие 30 минути се Пешевски со четири и Цехте со три погодоци.

Се вчитува...