Пелистер има водство од 12-11 по првото полувреме од големото дерби против Вардар, дуел што битолчани едноставно мораат да го добијат ако сакаат да останат во трката за титулата. Мотивацијата е огромна и во двата табора, а најдобар поединец во првите 30 минути е гостинскиот голман Валах, кој со седум интервенции е најзаслужен што „пелистерци“ не влегоа со поголема позитива во паузата.
Вардар беше подобар само во почетните минути при 0-1 и 1-2, по што Пелистер преку Граховац и Хосни поведе со 3-2, преземајќи ја контролата врз резултатот. Никола Митревски блесна со неколку одбрани внесувајќи самодоверба меѓу „зелено-белите“, два гола во низа постигна Манасков, а капитенот Кузмановски со нов погодок зголеми на 7-4. Вардар немаше намера да се предаде, „црвено-црните“ на голот го имаа расположениот Валах кој не дозволи предноста на домаќинот да се зголеми, иницирајќи серија на „црвено-црните“ за израмнување на 7-7.
Дуелот беше егал до 8-8, по што Пелистер повторно влезе во серија и со двата гола на Хакбарт се врати на најубедливи плус три (11-8). При 11-9 Алушовски побара тајмаут, Пелистер се мачеше во нападот, но Митревски спречи зицер на Кеита што ќе донесеше израмнување при 11-10. Во ефикасната последна минута најпрвин Пешевски беше прецизен за 12-10, Да Силва намали на 12-11, па на одмор се заминува со „плус еден“ за битолчани, како најава за суперинтерсното прво полувреме од ова големо дерби.
Валах брани одлично и има седум успешни интервенции на голот на Вардар, Митревски е со пет на голот на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

