ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонија има негатива од 15-18 по првото полувреме против Холандија, вистинска штета ако се знае дека 25 минути целосно париравме, но потоа со серија наши грешки му дозволивме противникот да се одлепи и на одмор да замине со предност. Проблем плус е и црвениот картон на Атанасијевиќ, кој беше задолжен за директен маркер на Стајнс, па останува да се види како ќе се браниме од најдобриот холандски ракометар во второто полувреме.
Лазаров од самиот старт се реши за изненадување, со Петар Атанасијевиќ како „фластер“ на Лук Стајнс. Митревски отвори со одбрана при првиот холандски напад, а на спротивната страна ние реализиравме преку Филип Кузмановски. Холандија првото водство го имаше во 6. минута преку Ставаст (2-3), при што исклучен беше Мартин Велковски. При 4-5 не искористивме пенал преку Филип Кузмановски, на спротивната страна исклучен беше Маркоски, но и со играч помалку дадовме два гола (6-7).
Кузмановски во 13. минута го постигна својот четврти гол за израмнување на 7-7, по што Митревски одбрани зицер и доби овации од „фалангата“ во арената. Пешевски влезе во ритам со два гола во низа, Нападот ни функционираше добро, но Холанѓаните за помалку од десет секунди создаваа шанса за гол, па резултатот во 17. минута изнесуваше 10-10. Атанасијевиќ тргна храбро и изнуди пенал и исклучување. Данските судии во моментите кога заигравме добра одбрана им излегоа на помош на „лалињата“, најпрвин со жолт картон за Лазаров со што ги спасија од пасива, а потоа и со престрого второ исклучување за Никола Маркоски.
Лазаров го изротира тимот, настапивме и се бковска линија Ѓоргиев, Серафимов, Павле Атанасијевиќ, но со извонредна борбеност ја задржавме предноста до 13-12. Сепак, потоа почетнички загубивме топка, па на спротивната страна Атанасијевиќ направи прекршок за пенал, згора на тоа специјалистот за фластер врз Стајнс доби и директен црвен картон. Кузмановски и Митев се вратија на терен, но капитенот имаше две грешки по кои „лалињата“ казнија и поведоа со 13-14. Следеше и трета загубена топка во низа, по која „лалињата“ дојдоа до 13-15, а Лазаров беше принуден да побара тајмаут. Сепак, се повеќе се мачевме во нападот, шест минути бевме без гол, а Кузмановски направи уште една катастрофална грешка, подарувајќи топка кога имавме играч повеќе и Холандија поведе со 13-17. Серафимов конечно ја запре долгата серија на Холанѓаните, но „портокаловите“ беа влезени во ритам, дадоа уште еден гол и на одмор заминаа со предност од 15-18.
Покажавме дека можеме да се носиме со „лалињата“, а со подобра одбрана, но пред се со целосна концентрација во нападот би можеле да се вратиме во овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

