ПОЛУВРЕМЕ: „Плус четири“ на паузата, десет минути не примивме гол

ЕКИПА во Хернинг,

Стеван Цаневски

Македонија има предност од  13-9 по првото полувреме на дуелот со Романија во третото коло од групната фаза на ЕП 2026 во Хернинг. Играме одлично и го контролираме резултатот, а останува да жалиме што предноста не е уште поголема ако се земе во предвид нашата одлична одбрана и фактот дека противникот беше без гол во првите десет минути од натпреварот.

Иван Џонов и повреден стисна заби и настапи на овој натпревар, во стартниот состав како најистурен во зоната 5-1, а токму овој ракометар стрелаше прецизно од контрапанад за 1-0. Доминацијата продолжи, Џонов даде уште еден гол, потоа имаше и украдена топка и асистенција до Ненад Костески за 3-0 за Македонија за нецели четири минути од натпреварот. Романскиот селектор побара тајмаут во 5. минута, кризата на противникот продолжи (девет минути без гол), но Македонија не искористи неколку шанси за уште поубедлива предност од оние 3-0. Кузмановски со својот прв гол на мечот зголеми на 4-0 во 10. минута, пред Романија првиот гол да го постигне од пенал преку Станчу на истекот од 11. минута.

Романците тргнаа со 7 на 6 во нападот откако беа немоќни со 6 на 6, успевајќи да намалат на само два гола негатива (6-4, 17. минута). Разликата се движеше меѓу два и три гола, не искористивме неколку шанси да се вратиме на „плус четири“, па на шест минути до крајот на полувремето резултатот гласеше 9-7. Ѓоргиев презеде одговорност, даде гол за 10-7, а потоа и изнуди пенал и исклучување по што Кузмановски зголеми на 11-7. Доминацијата продолжи, Пешевски погоди за 12-7, но повторно му дозволивме на противникот да се разбуди и да намали на 12-9. Лазаров зеде тајмаут, а веднаш потоа следеше атракција, цепелин Џонов – Костески за 13-9, резултат со кој се замина и на одмор.

Предноста е добра, но останува да продолжиме со иста игра и да ја зголемиме до крајот, ако се знае дека бркаме што подобра гол-разлика во обид да ја минеме Португалија во трката за второто место во групата.

Се вчитува...