Македонија има убедлива негатива од 53-37 по првото полувреме од гостувањето во Солнок против Унгарија, во рамките од второто коло од претквалификациите за СП 2027. Клучни се покажаа катастрофалните први пет минути од втората четвртина во кои противникот направи серија од 16-0, максимално користејќи ги сите наши грешки, како во нападот, така и во одбраната.
Македонија го почна мечот со истата стартна петорка како и против Романија, со Магдевски на плејмејкерс, помогнат од Митревски, потоа Мекиќ, Какруки и Американецот Вајли. На првите поени на нашата селекција чекавме до 4. минута, кога Вајли погоди тројка за да го намали водството на домаќините на 6-3. Немоќта на двете страни од теренот придонесе Унгарците уште во раната фаза да поведат со 16-7, по што селекторот Илиевски беше принуден да побара тајмаут во 7. минута. Советите вродија со плод, Лука Стојановски погоди важна тројка, во следниот напад прецизен беше и Магдевски, па негативата беше намалена на 16-12. Новата украдена топка и лесна реализација на Магдевски значеа и минимални 18–17 за Унгарија, за првата четвртина да ја завршиме со „минус еден“ (19-18).
Почетокот од втората четвртина мина во знакот на домашниот состав, кој за 90 секунди ја врати предноста на убедливите „плус 9“ (27-18). Следеше блокада врз Мекиќ, па две слободни фрлања на спротивната страна по кои Унгарија стигне и до првото двоцифрено водство на мечот (29-18). „Црвено-жолтите“ исто како и во првата четвртина повторно не постигнаа поени во првите три минути, а противникот го искористи тоа за да поведе со 34-18, пред Илиевски да го побара вториот тајмаут на натпреварот. Првите поени во четртината ги постигнавме во 15. минута преку Симиќ на асистенција на Мекиќ (35-20).
Нападот почна да функционира, но во најлош момент за нас профункционира и шутот од далечина на Унгарците, кои лесно го контролираа водството и на одмор заслужено заминаа со конечните 53-37.
Унгарија погоди нереални 9 тројки од 12 обиди, а домаќините имаат и целосна доминација во скокот (21-10), така што е јасно дека ќе мора да се напредува од секој аспект ако се сака да се фати резултатски приклучок на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

