ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Македонија има негатива од 17-12 по првото полувреме од мечот со Данска, прв дуел на нашата национална селекција на ЕП 2026 во Хернинг. „Црвено-жолтите“ покажуваат желба и карактер, но против себе имаат противник што доминира, згора на тоа и има дополнителен мотив поради присуството на 15.000 Данци на трибините.
Лазаров се реши за почетен состав со Томовски на голот, Кузмановски, Митев и Велковски на бековската линија, Самоил Ристевски како пивот и Џонов и Никола Костески како крила (промена Костески Лазаров во напад – одбрана). Томовски отвори со одбранет зицер, а Митев стрелаше мајсторски за почетно водство од 1-0. Ристевски веќе во следниот напад направи пенал и зарабти исклучување, а интересно е што Данците за момент тргнаа и со „седум на шест“ во нападот. Париравме до 3-3 со голот на Велковски, но потоа за помалку од две минути домаќините постигнаа три гола и поведоа со 6-3.

Нилсен му одбрани зицер на Кузмановски, потоа и шут од девет метри на Митев, па со двата гола во низа на Питлик противникот во 10. минута веќе имаше водство од 8-3. Серијата од пет гола на противникот со проектил од девет метри ја прекина Митев, но данскиот напад делуваше перфектно и Данците стигнаа до најубедливите плус шест (10-4, 11-5). Со пеналот на Серафимов успеавме да намалиме на 11-7, истиот играч во следниот напад повторно погоди за 12-8, па уште еднаш за 13-9, а кога Стојковиќ стрелаше прецизно и намали на 13-10, данскиот селектор Јакобсен мораше да побара тајмаутот за да ги стабилизира редовите на големиот фаворит.
Не искористивме напад за „минус два“, бевме казнети со гол од контранапад, по што Лазаров при 14-10 побара тајмаут на шест минути до крајот на полувремето. Преку Атанасијевиќ намаливме на 14-11, а во финишот од полувремето молдавските судии со смешна одлука го исклучија Стојковиќ за минимален контакт врз Гидсел. Данска знаеше да го искристи тој подарок и го заврши полувремето со резултат 17-12.
Серафимов е најдобар поединец во нашиот табор со четири гола во првото полувреме, по два имаат Митев и Кузмановски, додека Мартин Томовски има четири гола на нашиот гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

