ЕКИПА во Солун,
Стеван Цаневски
Македонија има предност од 10-12 по првото полувреме на денешниот дуел со Грција во Солун, втор натпревар од двомечот што нашите ракометари го играат со јужниот сосед како дел од подготовките за ЕП 2024. Првите 30 минути минуваат во израмнета борба, а „црвено-жолтите“ заминуваат на одмор со предност благодарение на Мартин Серафимов, кој влезе во игра на десетина минути до крајот на полувремето и со четири гола во низа донесе резултатски пресврт.
Грците подобро го отворија натпреварот, по само една минута поведувајќи со 2-0. Првиот гол за Македонија го постигна Велковски во 4. минута намалувајќи на 2-1, одбраната заигра на повисоко ниво и овозможи во осмата минута да израмниме на 2-2 преку Ненад Костески. Истиот ракометар погоди од контранапад една минута подоцна, за прво водство на Македонија на натпреварот (2-3). По 14 минути игра резултатот беше израмнет (4-4), a мечот остана егал и во наредниот период, па со голот од контранапад на Талеки израмнивме на 7-7.
Лазаров почна со ротации во тимот, па Филип Кузмановски реализираше нов контранапад, за водство на Македонија од 7-8 на почетокот од 20. минута. Страстите зовреа кога грчките судии при 8-8 не досудија чист пенал врз Кузмановски за кој требаше да следи и исклучување, наместо тоа покажувајќи играта да продолжи.
Во игра влезе Мартин Серафимов, кој постигна два гола во серија и ја врати Македонија во водство (9-10). Десниот бек на Алкалоид ја продолжи одличната серија со два нови погодоци, за предност на нашата национална селекција од 9-12 принудувајќи го грчкиот селектор на тајмаут. Грците реализираа по тајмаутот, а Македонија во последниот напад имаше одлична акција со цепелин на Талески што домашниот голман успеа да го одбрани, па на одмор се замина со два гола предност за нашата репрезентација (10-12).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА