Македонската репрезентација има голема негатива од 11-18 по првото полувреме од премиерниот меч на СП 2023 против селекцијата на Норвешка. Избраниците на Кире Лазаров дваесетина минути сосема солидно му парираа на фаворитот, но Норвешка фуриозно го одигра финишот од полувремето, создавајќи си одлична предност во пресрет на вториот дел.
Македонија се најде во негатива од 0-2 по двата гола на Сагосен, пред Филип Кузмановски на почетокот од шестата минута да го постигне првиот гол за Македонија на овој мундијал. Норвежаните лесно наоѓаа решение за нашата дефанзивна зона, поведувајќи со 5-3 по десет минути игра.
Јагуриновски изнуди исклучување при 3-6, веднаш потоа постигна и гол, но норвешкиот состав знаеше како да ја задржи предноста од три гола, па Кире Лазаров на половина од првото полувреме го зеде својот прв тајмаут на натпреварот, при водство на противникот од 5-8. Веднаш по минутата одмор Пешевски изнуди два пенали што Манасков ги реализираше, Митревски одбрани еден зицер на Рајнкинд и предноста на противникот падна на само еден гол (7-8).
Митревски блесна повторно, па Филип Кузмановски со новиот погодок израмни на 9-9, во 19. минута од натпреварот. Следеше исклучување на Серафимов по кое Норвешка максимално казни со три гола во низа, два од нив во празна мрежа по грешките во нашиот напад. Манасков ја прекина серијата на противниците од четири гола, намалувајќи на 13-10. Митревски одбрани уште еден зицер, по што Манасков реализираше за 13-11. Проблемите се зголемија во 27. минута, кога Јагуриновски остана да лежи по еден одбранбен дуел и на на рацете на соиграчите мораше да биде изнесен од теренот. Противникот беше подобар во завршницата од полувремето, казнувајќи ги грешки и промашувањата на нашите ракометари и на одмор заминувајќи со убедливи 11-18.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА