Полувреме: Црвен картон за еуфорија, па водство на Италија и молк во Битола (ВИДЕО/ ФОТО)

Македонската репрезентација губи по првиот дел од Италија на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола. Италијанците најпрво останаа со играч помалку, а потоа успеаја и да поведат по едно невнимание во одбраната. Кога беше жестокиот притисок на Италија, Македонија успеја да одолее, а потоа прими гол од една навидум безопасна ситуација, и така на пауза замина со 0-1.

Италија имаше подобар старт на натпреварот. Се играше главно на нашата половина, поседот на топката на страната на гостите, кои ја бараа шансата преку крилото Колеошо, кој правеше огромни проблеми по десната страна на Македонија. Неколкуте нафрлени топки и полушанси, Италијанците не ги искористија, а како одминуваше времето, и првите 15 минути, притисокот се намалуваше, па повремено се играше и на половината на „Азурите“.

Први возбудувања пред голот на Италија во 18. минута, Хамза центрираше директно кон голот, па Мота мораше да боксува во поле.

Прва посериозна закана од Италија во 23. минута. Нафрлена топка до Раимондо со глава, Василев со одлична одбрана одбива во корнер.

Голема предност за Македонија во 26. минута. Моруци стартува над Гаштаров кој беше осамен пред голот, добива втор жолт и беше испратен во соблекувалната.

Од слободниот удар шутира Николовски, но само во живиот ѕид.

И со играч помалку, Италија дојде до предност. Невнимание во одбраната на Македонија во 34. минута, нафрлена топка до Ндур кој во мешаницата со глава го проигра Марианучи, а овој од прва го совлада Василев шутирајќи во долниот лев агол.

Се вчитува...