ПОЛУВРЕМЕ: Украина среќно поведе, па се спасуваше од шансите на Македонија (ВИДЕО)

ЕКИПА во Прага
Горан Бошев

ФОТО: Роберт Спасовски

Репрезентацијата на Украина има предност од 1-0 по првиот дел на натпреварот од 6. коло во квалификациите за ЕВРО 2024 против Македонија. Украинците дојдоа до водството многу среќно, а потоа и успеаја да се одбранат од опасните напади на Македонија, за да заминат на одмор со водство. Избраниците на Милевски имаат за што да жалат, осоебно во финишот на првите 45. минути.

Украинците ја имаа повеќе топката во своите нозе, а Македонија чекаше грешка за брза трансформација во нападот за да го загрози голот на Трубин. Страничните позиции беа проблематични во првиот дел за нашата селекција. Коноплиа во воведот на натпреварот, а потоа Мудрик беше несопирлив за одбраната. Токму Коноплиа го имаше првиот обид кога одлично мина по нашата лева страна, а потоа и незадржливиот Мудрик, но два пати Столе Димитриевски беше на висината на задачата.

Миовски во 22. минута ја имаше првата сериозна закана за Македонија. Доби топка од Барди, одлично влезе во шеснаесетникот, но шутира млако за Трубин кој одбрани. Во 24. минута Коноплиа овојпат од далечина се обиде, но само над голот.

И во 30. минута водство за Украина. Лош прием на Елези, кој ја загуби топката на 25 метри, Судаков шутира, а топката се одби од Серафимов, и го измами Димитриевски. Украинците поведоа. 

Следуваа минути на Македонија. Украина успеа да ги задржи налетите на нашата репрезентација. Шанса имаше најпрво Миовски, па Ашковски, и тоа беа во супер позиции, но Трубин ја чуваше Украина. Имаше обид и Барди двапати во блокот, како и Елмас кој шутираше само крај голот.

Брзо дојде и крајот на првиот дел, по кој Украинците имаат минимална предност, а играта во финишот во првото полувреме е надеж дека Македонија може да постигне гол и да се врати во игра за добар резултат од Прага.

Се вчитува...