ПОЛУВРЕМЕ: Вајли ја предводи Македонија, имаме „плус еден“ со Романците

Македонија има предност од 32-31 по првото полувреме од дуелот со Романија, меч во која имаме осцилации во играта, но доколку успееме да го затвориме рекетот ќе бидеме многу блиску до голема победа на стартот од овој претквалификациски циклус. Американецот Вајли игра извонредно на камбекот во нашиот националниот тим, очекувано имаме проблеми во нападот, но скок-играта е она што мора да биде поправено во вторите 20 минути од мечот што се игра во преполната сала во Куманово.

Селекторот Илиевски се реши за стартна петорка со Магдевски на плејмејкер, заедно со Митревски, Мекиќ, Вајли и Какруки, но гостите отворија со две тројки во првите два напада и водство од 0-6. Почетните минути ги одигравме во грч, а првите поени ги постигнавме на почетокот од 4. Минута преку Магдевски, по украдената топка и асистенцијата на Адем Мекиќ (2-6). Андреј Митревски постигна пет поени во низа намалувајќи на 9-12.

Вајли донесе енергија, најпрвин со асистенција до Мекиќ, а потоа и второ атрактивно забивање на мечот, проследено и со прва тројка и водство на Македонија од 16-12, по што романскиот селектор беше принуден да побара тајмаут.  Советите вродија со плод, па по измените во двете селекции Романците поведоа со 16-17, за Македонија сепак да ја заврши четвртината со минимално водство од 18-17, по поените на Хот.

Скок-играта ни создаваше огромни проблеми, па Романците поведоа со 20-23 во 12. минута, а серијата на гостите продолжи со нови поени по офанзивен скок, за 20-27. Македонија конечно поентираше преку Вајли, заигравме и подобра одбрана, па по трите поени на Мекиќ за 27-29 следеше нов тајмаут на романскиот селектор. Симиќ погоди тројка за враќање на Македонија во предност (30-29), промашивме и два анпада за поубедливо водство, по што на одмор се замина со резултат 32-31 за нашата национална селекција.

Вајли делува одлично и со 15 поени, 5 скока и 3 асистенции е најдобар поединец во ова прво полувреме, додека Мекиќ и Митревски имаат по пет поени.

Се вчитува...