ПОЛУВРЕМЕ: Вардар доминира, има „плус три“ на паузата против Пелистер

Ракометарите на Вардар имаат предност од 17-14 по првото полувреме од големото финале во Купот на Македонија против Вардар што се игра попладнево во Охрид. Водството на „црвено-црните“ е апсолутно заслужено ако се знае дека Вардар имаше целосна доминација и контрола над резултатот од самиот почеток, благодарение на Хорига и одличниот Томи Јагуриновски со значајна предност ќе влезе во вторите 30 минути од ова финале.

Тренерот Милано изненади со одлуката да му даде предност на Гогов пред Еспина на голот, а македонскиот голман одговори со две одлични интервенции на стартот, со што даде значаен придонес за Вардар да поведе со два гола предност на самиот почеток (3-1, 4-2). Лазаревски им создаваше многу проблеми на „пелистерци“ на линија од шест метри, а два гола даде и Хорига, со вториот носејќи и предност од три погодоци (5-2). Битолчани имаа очигледни проблеми во нападот, а по новиот гол за Вардар што го постигна Срдановиќ за водство на „црвено-црните“ од 6-2, тренерот Алонсо беше принуден да побара тајмаут.

Следеа две минути за Борозан, потоа и исклучување на Хорига, по што „пелистерци“ знаеја да ја искористат предноста и од 7-2 за 120 секунди игра намалија на 7-5 по голот што го постигна Дејан Манасков во празна мрежа. При 7-6 за првпат зовреа страстите на теренот, па судиите Тодоровски и Митревски ги исклучија Лазревски од едната и Атанасијевиќ од другата страна.

Томи Јагуриновски влезе во ритам, па со два гола и еден изнуден пенал даде значаен придонес предноста на Вардар да се врати на плус три (10-7). Сепак, „вардарци“ се соочија со огромен проблем откако Лазаревски во 18. минута го доби и второто исклучување, за прекршокот над Кузмановски за пенал, што Манасков го претвори во погодок за 10-8. „Црвено-црните“ стигнаа и до 14-10, но судиите досудија и петто исклучување за Вардар во првото полувреме (прво за Аларов) при 15-11. „Вардарци“ стануваа се побесни за критериумот на битолските арбитри, а „пелистерци“ го искористија тоа и експресно ја преполовија негативата на 15-13.

Танкоски ја прекина мини-серијата противникот, Хосни возврати на спротивната страна, а по новиот гол на Јагуриновски „црвено-црните“ на одмор заслужено заминаа со предност од 17-14.

Се вчитува...