Светската автомобилска федерација (ФИА) планира на жените да им овозможи полесно да се пробијат во врвниот авто-мото спорт и за таа цел во план е од 2019 година да стартува исклучително женско натпреварување во Формула 1. Според првичните планови, ќе се возат вкупно шест трки од кои пет во Европа и еднa во Америка.
Победничката во овој шампионат за награда би добила тест возење во вистински Ф1 болид со можност да се наметне за место во еден од големите тимови во Формула 1.
Организаторите се убедени дека за три години женското издание на Формула 1 би било второ најгледано натпреварување во автомото-спортот, зад вистинската Ф1.
Идејата на ФИА наиде на различен прием кај женските возачи. Дел се воодушевени од проектот за формирање на женско Ф1 првенство, а дел се скептични. Тие сметаат дека постоењето на исклучително женско првенство ќе го наруши нивниот статус во спортот и стравуваат дека на тој начин женските возачи никогаш нема да добијат шанса да возат во најсилниот Ф1 шампионат.
Има точно 25 години откако последен пат жена возела во Формула 1. Тоа беше Италијанката Џована Амати која во три настапи не успеа да се квалификаува за место на трката.
Единствени две жени кои настапиле на Ф1 трка се Марија Tереза де Филипис и Лејла Ломбарди која е и единствена што освоила бод во Ф1.
Последниве години имаше неколку жени кои во Ф1 тимовите беа развојни или тест возачи. Една од нив е Британката Сузи Волф која во 2014 година го возеше болидот на Вилијамс на тренинзите за ГН на Велика Британија, но кога сфати дека нема да добие постојано место како возач во тимот, реши да и стави крај на кариерата и му се посвети на семејството.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА