Иско е се поблизу до заминување од Реал Мадрид откако „војната“ со Сантијаго Солари ескалираше, па тренерот на „кралевите“ реши да го отстрани шпанскиот репрезентативец дури и од клупата за резерви. Шпанските медиуми со изненадување ја пренесоа информацијата дека Иско не е ниту резерва на вечерашниот меч со Рома, па овој натпревар ќе го следи од трибините на „Олимпико“.
Фудбалскиот генијалец беше стандарден кај Лопетеги, но ситуацијата целосно се промени по доаѓањето на Солари на тренерската функција. Тој ја грееше клупата при стартните победи на новиот тренер, но се очекуваше по срамниот пораз од Еибар токму Иско да биде „џокерот“ на Солари на вечерашниот натпревар во Рим.
Навивачите преку анкети гласно ставија до знаење дека овој фудбалер многу повеќе заслужува статус на стандарден првотимец отколку Герет Бејл, но новиот тренер дефинитивно има поинакви замисли.
Ваквото понижување е повод за уште погласни шпекулации дека Иско би можел веќе во јануари да си замине од Мадрид, а интерес за неговите услуги покажуваат Челси, Манчестер сити, Арсенал и Баерн Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА