Понуда што не се одбива: Интер му дава 50 милиони евра на Симеоне

Диего Симеоне во неколку наврати истакна дека не планира да си замине од Атлетико Мадрид на крајот од сезонава, но челниците на Интер се цврсто решени да го убедат аргентинскиот стручњак да пристигне на „Џузепе Меаца“. Весникот „Газета дело спорт“ објави дека „нероаѕурите“ испратиле нова понуда до Симеоне, која изнесува неверојатни 50 милиони евра за петгодишна соработка.

Платата од десет милиони евра по сезона (плус дополнителни бонуси) е двојно повисока од она што „Ел Чоло“ моментно го заработува во Атлетико, а на Аргентинецот би му биле обезбедени и над 100 милиони евра за доведување на нови фудбалери во летниот преоден рок. Тој барем засега не дал конкретен одговор на оваа понуда, очигледно не сакајќи да ја нарушува атмосферата во својот тим до крајот на сезонава. Сепак, извори блиски до трофејниот стручњак тврдат дека тој многу сериозно ја разгледува опцијата за преселба во Интер, под вакви услови кои реално многу тешко се одбиваат.

Само за потсетување, Симеоне со успех настапуваше како играч за Интер во периодот од 1997 до 1999 година.

Се вчитува...