Двајцата македонски пливачи маратонци, Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски, успешно го завршија настапот на првата трка од ФИНА Ултра маратонската серија, што се пливаше во Аргентина.
Маратонот Санта Фе – Корнода во должина од 57 км., Поп Ацев го исплива со време од 7:47:15.21 часа со кое заврши на четвртото место со заостанување од 14 минути и 57 секунди зад победникот Гиљермо Бертола од Аргентина. Александар Илиевски заврши на осмото место со време од 7:51:18.88 часа.
„Настапивме во многу тешки и исцрпувачки услови, надворешанта температура беше над 42 степени, а на реката 27 степени. Задоволен сум од пласманот, но секогаш може подобро и за следниот маратон ќе работам повеќе за да ги исправам грешките што ги направив на оваа трка“ – истакнува Александар Илиевски, на кого тренер за време на трката во Санта Фе му беше прославениот бугарски маратонец Петар Стојчев.
Победникот на трката, Аргентинецот Гиљермо Бертола низ целта мина со резултат од 7:32:18.09 часа. На второто и на третото место завршија италијанските маратонци Едоардо Сточино (7:34:33.50 ) и Симоне Ерколи (7:34:36.72).
Во ФИНА Ултра маратонската серија, следна трка според официјалниот календар на ФИНА е маратонот Лак Ст.Жак во Канада на 28 јули. Охридскиот пливачки маратон годинава го нема на календарот на ФИНА ни во Ултра маратонската серија, а ни во Светската маратонска серија на ФИНА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА