Поп Ацев: Жално е што во израмнетиот спринт на крај останав на само три секунди од победникот

Најдобриот македонски маратонец Евгениј Поп Ацев во извонредно силна конкуренција го освои третото место на јубилејниот 50. Охридски пливачки маратон кој денеска се одржа на Охридското езеро, а се бодуваше за светската ФИНА серија на маратон.

Поп Ацев заврши трет со време од 5:10.34 часа, само три секунди зад победникот Аксел Ремон од Франција, и една секунда зад второпласираниот Едоардо Стокино од Италија.

„Може да се каже дека сум задоволен, иако може малку и да жалиме затоа што бев навистина блиску до првото место. Но, и трето место е добар успех за мене, со ваква силна конкуренција. Трката беше добра, интересна, до самиот крај се боревме, а на крај одлучувачки беше спринтот со разлика од само неколку секунди. Аксел е светски шампион на 25 километри, европски шампион актуелен од годинава, тој беше фаворит и, во секој случај, заслужено победи“ – истакна Поп Ацев веднаш по завршувањето на денешниот маратон кој се организираше под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Се вчитува...