По една година неизвесност дали ќе може да продолжи со својата фудбалска професионална кариера, Горан Попов успешно го оперираше коленото во „Аџибадем Систина“ во Скопје.
Станува збор за повреда која многу често се јавува кај спортистите, повреда на менискусот и постојани болки и отоци во коленото.
„Не постои начин на кој би можел да му се заблагодарам на д-р Ивановски кој ја изврши хируршката интервенција и целиот тим на доктори, медицински сестри и физиотерапевти кои се грижеа за мене за време на престојот во ‘Аџибадем Систина’. Тие се најзаслужни што за кратко време повторно застанав на нозе и што многу скоро ќе можам да се вратам на фудбалскиот терен. Д-р Ивановски ми беше најголемата поддршка во текот на целиот процес. Цели шест месеци се мачев со оваа повреда. По секој натпревар имав голем оток, не можев ниту да ја свиткам ногата и бев принуден да одморам по неколку дена само за да можам повторно да застанам на нозе. Презадоволен сум од д-р Ивановски и д-р Илиев, и од тоа колку успешно ми ја санираа повредата“ – вели Горан Попов.

Д-р Михајло Ивановски информира дека Попов ќе може да се врати на фудбалските активности за околу два месеци…
„Операцијата помина одлично и Горан уште следниот ден по интервенцијата веќе можеше да застане на нозе и да прави кратки прошетки. Тоа се должи на неговата одлична кондиција и мускулна маса, кои несомнено ќе го забрзаат целиот процес на заздравување за Горан да може да се врати на спортските активности за околу 6-8 недели. Потребна ќе биде физикална терапија и уште еден PRP-третман пред Горан да се врати на терените со полна пареа, но тоа е само прашање на време“ – вели Ивановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

