Американскиот селектор Грег Попович не го криеше разочарувањето откако беше претрпен пораз од 98-94 на вториот пријателски натпревар со Австралија. Претходно еуфорични по убедливата победа во Мелбурн пред два дена, Американците овојпат покажаа низа слабости кои противниците на СП во Кина ќе знаат како да ги искористат.
„Уште по првиот натпревар ги предупредив моите кошаркари дека Австралија не е нималку наивен противник, дека направија бројни одлични работи против нас. Денешниот пораз не е трагедија, нормално е да се има осцилации со толку многу играчи кои се уште се навикнуваат на системот. Австралијците денеска ни одржаа лекција, да видиме дека сме далеку од тимот каков што сакаме да бидеме“ – изјави Попович.
Ова беше прв пораз на еден натпревар на селекцијата на САД по 2006 година, прекинувајќи ја серијата од 78 победи во измиантите 13 години.
„Тоа можеше да се случи секому, дури и ако настапевме со најсилниот тим. Сериите постојат за да бидат прекинати, најважно за нас е да извлечеме поука и да се подготвиме за СП во Кина“ – истакна американскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

