Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, осврнувајќи се на изминатите шест години на чело со ова раководство на денешната средба со медиумите го истакна задоволството што Фудбалската федерација, преку потврда и од УЕФА и ФИФА, изградила моќна структура во федерацијата исполнувајќи ги максимално сите активности.
Поповски ја потврди добрата соработка која федерацијата ја има со меѓународните фудбалски институции, но и ја потенцираше соработката со државните органи и контролата која беше извршена во ФФМ, а се однесуваше на финансиското работење на федерацијата.
„Задоволни сме уште успеавме, покрај сите проекти реализирани изминативе години а за што добивме сериозна потврда од УЕФА и ФИФА, да вратиме и долг од 900.000 евра затекнат од претходната ФФМ. Сакам да истакнам дека сме горди на тоа што создадовме добра структура и силна федерација, што се моќни токму во сегментот од соработката со УЕФА и ФИФА околу финансиската помош и поддршката која ја добиваме. Така и ќе биде се додека се почитуваат правилата, се работи транспарентно и отчетно. Тоа и во иднина ќе го правиме бидејќи Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе ги почитува институциите на државата. Финансиската контрола од Управата за јавни приходи во изминатите месеци изврши контрола на делувањето на ФФМ и ја потврди нашата добра работа. Истото секоја година го прават и УЕФА и ФИФА во нивните ревизорски извештаи. И треба да бидеме горди на тоа“ – истакна Поповски на средбата со медиумите на која беа образложени и сите идни проекти на ФФМ и новите финансиски средства добиени од Хет-трик програмата на УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА