Цените за билетите за натпреварот меѓу Вардар и Црвена Звезда кој има хуманитарен карактер за помош на семејствата на жртвите во големата трагедија во Кочани ќе бидат со крајно популарна цена од 100 денари за Западната и Источната трибина, односно ќе чинат 200 денари за Јужната и Северната.
Бесплатно ќе биде за децата од основните школи во Кочани кои би пристигнале на стадионот организирано, соопшти Извршниот директор на ФК Вардар, Миленко Неделковски.
„Информација за оние што се интересираат за билети за хуманитарниот со Ц. Звезда: Билетите ќе се продаваат исклучиво преку платформа (исто како што ФФМ сега продава за Велс). Југ и Север 200 денари, Запад и Исток 100. Бесплатно за децата од основните школи од Кочани што организирано би дошле. Сите други плаќаат, почнувајќи од мене и претседателот на ФФМ до секој добронамерник и хумана личност што ќе дојде на натпреварот“, се вели во изјавата на Неделковски.
Покрај оваа информација од ФК Вардар денеска информираа и за продолжение на финансиаката консолидација и нови подмирени долгови кон Билјана Блажевска – 1.662.502 денари, Телеком – 181.212 денари, Сарана Трејд – 2.314.142 денари и Бојан Захариев – 1.400.000 денари плус камати.
„Клубот сериозно се впушти во финансиската консолидација, што пред се значи исплаќање на пари кон луѓето што ни ја имаат блокирано сметката со извршни решенија. Лично, како човек, ме погодува фактот дека НИТУ ЕДЕН од тие што примија огромни суми на пари не најде за сходно еден мал дел (од каматите ако не од главницата) да донира за фамилиите на настраданите од Кочанската трагедија?! Или да донира за деца без родители, или за Младинската школа на Вардар!!! За жал, тоа е реалноста за тие ликови“ – вели со соопштението Миленко Неделковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА