Поради депресија го остави фудбалот, а сега има нов клуб на 37 години

Јосип Иличиќ ќе го носи дресот на Копер следната сезона, потврди словенечкиот прволигаш.

Легендарниот офанзивен играч потпиша едногодишен договор со клубот кој ја освои својата единствена титула во лигата во 2010 година, а минатата сезона заврши на третото место во словенечкото првенство.

„Среќен сум со новата, но и позната средина. Тука ги направив моите први чекори во клупскиот фудбал. Копер е фудбалски град, навивачите заслужуваат добра игра и добри резултати. Се надевам дека сите заедно ќе уживаме“, рече Иличиќ.

Помеѓу почетокот на кариерата и враќањето во Словенија во 2022 година, кога потпиша за Марибор, Јосип Иличиќ изгради завидна кариера во Италија, каде што играше за Палермо, Фиорентина и Аталанта. Во сезоната 2018/19 беше вклучен во најдобриот тим во Серија А.

Тој беше еден од клучните играчи на Аталанта и еден од најдобрите во лигата, но неговата кариера беше прекината поради тешка борба со депресијата. Психичките проблеми се засилија по смртта на соиграчот Давиде Астори и избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, која особено силно го погоди Бергамо. Иличиќ се повлече од тимот, а Аталанта му даде време да се опорави.

Се вчитува...