Бојан Миовски продолжува со маестралните изданија во дресот на Абердин, откако македонскиот репрезентативец имаше гол и асистенција на премиерниот дуел од 2024 година.
Миовски останува желба на неколку клубови кои најавија дека ќе испратат понуди за трансфер во јануарскиот преоден рок, но од таборот на Абердин се децидни – ако се случи Македонецот да мора да си замине, тоа ќе биде за рекордна сума во клупската историја. Досегашниот рекорд е сопственот на десниот бек Калвин Рамзи, кој пред 18 месеци се пресели во Ливерпул во трансфер вреден пет милиони фунти.
„Сите знаеме каков квалитет поседува Бојан и сакаме да го задржиме. Не сме наивни да веруваме дека тој ќе остане кај нас до крајот на кариерата, но би сакале да потпишеме нов договор, со тоа да ја кренеме цената за преговорите кога тој ќе си замине. Нашиот став како клуб е јасен, тој има уште две и пол години од договорот и ако некој сака да го купи, тоа сигурно ќе биде за рекордна сума“, изјави извршниот директор на Абердин, Алан Буроус.
Глазгов Ренџерс токму поради ваквиот став на Абердин веќе се откажа од Миовски, но во трката останува шампионот Селтик, потоа англиски Саутемптон, но и клубови од француското и од италијанското елитно друштво.
Јасно е дека шкотскиот клуб одлично ќе заработи на Македонецот, ако се знае дека Миовски потпиша пред една и пол година за сума од 600.000 фунти од МТК Будимпешта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

