Поранешен фудбалер на Тотенхем ќе се кандидира за претседател на ФИФА

Поранешниот фудбалер на Тотенхем, Рамон Вега, најави дека ќе се кандидира за претседател на Светската фудбалска федерација (ФИФА) на изборите кои ќе се одржат идната година со што и стана првиот кандидат кој јавно потврди дека ќе се обиде да му се спротивстави на Џани Инфантино.

55-годишниот Вега е поранешен швајцарски репрезентативец, и во професионалната кариера освен за Тотенхем, настапуваше и за Селтик и Вотфорд. Кариерата ја заврши во 2004 година, по што се повлече од фудбалот и започна да работи во финансискиот сектор.

„Се кандидирам за повторно да го обединам глобалното фудбалско семејство, да спроведам вистински и темелни реформи, да ја модернизирам ФИФА и да ги повратам кредибилитетот и довербата“, стои во дел од соопштението на Вега во кое ја објави кандидатурата.

За да се потврди неговата кандидатура потребна му е поддршка од пет земји од вкупно 211 колку што брои членови ФИФА.

„Се кандидирам бидејќи животот ме подготви да му служам на фудбалот. Фудбалот мора да биде на првото место. Актуелното раководство го деморализира спортот, а слабото управување го наруши кредибилитетот и довербата на ФИФА“, пишува во соопштението.

Се вчитува...