Поранешен клуб на Пандев со понуда за Бојан Миовски

Бојан Миовски повторно е актуелен во италијанската фудбалска јавност, откако Болоња доби конкуренција во трката за ангажман на македонскиот репрезентативец.

Џенова е тимот што сега покажува сериозен интерес за Миовски, подготвувајќи понуда за асот на Абердин. Поранешниот клуб на Горан Пандев се подготвува за ремонт во навалната линија, речиси сигурно е дека клубот ќе го напушти Гудмундсон, а лесно може да се случи по негови стапки да тргне и Ретеги. Како што јавуваат италијанските медиуми, Миовски е високо на листата со желби на тренерот Алберто Џилардино, кој сака што поскоро да го види Македонецот во својот тим.

Абердин инсистира на отштета од шест милиони фунти за својот најдобар фудбалер, но откако бројот на заинтересирани клубови се намали изминатиот месец, се очекува сега и шкотскиот клуб да ја намали сумата за да го забрза трансферот на Миовски.

Македонскиот голгетер денеска ќе настапи за својот тим на мечот од Премиер-спортс купот против Ист Килбрајд, а лесно може да се случи овој натпревар да биде и последен за Миовски во дресот на Абердин, доколку се остварат најавите за трансфер-офанзива на Џенова во текот на следната седмица.

Се вчитува...