Кошаркарска Србија ја тресе нов скандал со местени натпревари за кој овој пат официјално со соопштение излезе и тамошната Кошаркарска федерација која ги осуди кошаркарите и ги откри нивните имиња.
Меѓу седумте наведени за местени натпревари кои се процесуирани пред органите на Кошаркарската федерација се најде и поранешниот кошаркар на Кожув и Фени Индустри, Владимир Ивеља кој со успех настапуваше во мак-баскетот од 2014 до 2016 година, а и во дел од 2019 година.
„Кошаркарската федерација на Србија сака да ја информира јавноста дека доследно и решително се залага за фер и чист спорт. КСС остро ја осудува секоја форма на местење натпревари, бидејќи таквите малверзации директно ја нарушуваат еднаквоста на конкуренцијата и ги прават бесмислени основните правила на фер-плеј кои се основата на спортот.
Свесни за сериозните и далекусежни последици што местењето натпревари ги има врз кошарката и спортот воопшто, нагласуваме дека ќе ги вложиме сите наши ресурси и капацитети во борбата против овој проблем. Решени сме да застанеме против сите негативни појави кои го загрозуваат интегритетот на натпреварувањето и во соработка со ФИБА и документацијата што ја собраа, да ги преземеме сите неопходни мерки пред надлежните државни институции за заштита на спортските вредности.
Затоа, сакаме да истакнеме дека досега пред органите на Кошаркарската федерација на Србија се гонети: Никола Христов, Алекса Новаковиќ, Коча Јововиќ, Милош Чобјашиќ, Владимир Ивеља, Милан Радивојевиќ и Вук Џорџевиќ“, стои во соопштението на Кошаркарската федерација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА