Еден од најдобрите НБА кошаркари избрани во втората драфт рунда, Пол Милсап стави крај на богатата кариера во која одигра 1085 натпревари во најсилното кошаркарско првенство.
Крилниот центар беше одбран како 47. пик на драфтот во 2006 година од страна на Јута Џез, а врвот на кариерата го достигна настапувајќи заедно со единствениот Македонец во НБА, Перо Антиќ во Атланта Хокс. Успешните настапи за тимот од Џорџија му донесоа четири настапи на Ол-стар натпреварот од 2014 до 2017 година.
Во 2017 година премина во Денвер каде имаше подредена улога зад Никола Јокиќ, но се покажа како одличен тимски играч останувајќи во Нагетс до 2021 година. Последната НБА сезона ја одигра во 2021/22 за Бруклин и Филаделфија со ветерански договор по што не успеа да најде нов ангажман во САД резултирајќи со крај на кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА