Неверојатни сцени се случувале на стадионот Асим Ферхатовиќ Хасе во БИХ за време на реваншот во Купот помеѓу Сараево и Борац Бања Лука. Натпреварот е прекинат во судиското продолжение, поради тоа што играчите и стручниот штаб на Сараево го напуштиле теренот, незадоволни од судиските одлуки.
Спортскиот директор на Сараево, кој воедно е поранешен играч на Вардар, Сенијад Ибричиќ, и тренерот Симон Рожман влегле на теренот и наредиле на своите играчи да го напуштат.
Натпреварот е регистриран со службени 3-0, а Борац помина во полуфиналето. Исто така фудбалскиот сојуз на БИХ им одзеде три бода во првенството, а казнети се и парично – 11.000 евра. Сенијад Ибричиќ заработи суспензија од седум месеци забрана за бавење со фудбал.
Сега во јавноста испливаа детали од целата ситуација.
„Ибричиќ пред почетокот на натпреварот помеѓу Сараево и Борац Бања Лука, околу 16 часот влегол во соблекувалната за службените лица – судијата и помошниците и се обратил со зборовите: Имаш ли срам, знаеш ли каде си дошол? Знам каде работиш, знам што работи твојата жена, знам дека имаш дете, затоа пази како денеска судиш, знам се за тебе“, наводно им кажал Ибричиќ на судиите, пишува во одлуката на Дисциплинската комисија на ФС на БИХ.
„Ибричиќ во прватаминута од судиското надополнување влегол на теренот им соопштил на играчите на својот тим „Одиме надвор“, притоа јасно гестикулираше со рацете и ги повика своите играчи да го напуштат теренот“, стои во одлуката.
Ибричиќ го носеше дресот на Вардар на почетокот на 2015 година како позајмен од Ерчијеспор, и со „црвено-црните“ ја освои титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА