Поранешниот претседател на Барселона, Сандро Росељ денеска е ослободен од обвинението за перење на пари, поради кое помина две години во затвор, пренесуваат шпанските медиуми. Судот во Мадрид, ја донесе пресудата поради недоволно докази за осудителна пресуда во врска со обвинувањата кои се однесуваат на продавањето на телевизиски права за натпреварите на кои настапувала бразилската фудбалска репрезентација.
„Не можеше да се донесе пресуда каква што бараше обвинителството и затоа на крајот одлучивме во корист на обвинетиот“, стоеше во соопштението на шпанскиот суд.
Росељ беше во притвор 22 месеци, откако беше оптужен дека ги злоупотребил средствата од продажбата на ТВ правата и организацијата на приталеските натпревари на Бразил, како и договорот за спонзорство меѓу произведувачот на спортска опрема „Најк“ и Фудбалската федерација на Бразил.
Шпанските обвинители бараа шестгодишна казна за Росељ, кој исто така беше обвинет и дека бил дел од криминална организација. По нивните наводи тој помагал во перење на 20 милиони евра поврзани со провизиите од натпреварите на Бразил. Покрај Росељ, ослободени од обвинението се и неговиот партнер Жоан Бесоли, сопругата Марта Пинеда, како и Педро Андрес Рамос, Жозеп Коломер и Шахе Оханесиан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА