Македонскиот првак Вардар беше елиминиран од Ф4 турнирот на СЕХА лигата кој се одржува во Задар поради позитивен случај на коронавирус, а неговото место го „наследи“ Загреб кој беше поразен од „црвено-црните“ во четвртфиналето.
По ваквата одлука на раководството на лигата, жестоки критики имаше новиот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, а сега одговор на истите даде и поранешниот селектор на македонската репрезентација и воедно тренерот на загрепскиот клуб, Ивица Обрван, кој во изјавата за „Вечерњи лист“ изјави дека Загреб е најмалку виновен за целата ситуација.
„Ние сме најмалку виновни за ова што се случи. Многумина го вперуваат прстот кон нашиот клуб, дека на сила сме се пласирале на Ф4, но тоа нема никаква врска. Ние веќе се простивме од настапот во Задар, па ни дојде вест дека сме заменска екипа.
Мислам дека законите се тука за да се почитуваат, а во целиот овој случај Вардар како клуб е најмногу виновен што си дозволил да не му се вакцинирани сите играчи.
По некаков критериум на резултатите во четртфиналето, ние сме замена. Затоа што Нексе, Татран и Еурофарм Пелистер ги загубија своите мечеви, а ние победивме во реваншот. Плус, ние бевме тие кои играа против Вардар, па логично е да го добиеме нивното место“, изјави Обрван.
Како потсетување, Загреб се пласираше во финалето на СЕХА лигата откако во првиот полуфинален натпревар славеше по изведување на пенали против Мешков Брест.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА