Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија се наоѓа пред испаѓање во Б-дивизија откако го претрпе и четвртиот пораз во низа, на најважниот меч на шампионатот во Скопје на кој триумф над Летонија ќе значеше и сигурен опстанок во елитното друштво. Сепак, селекторот Јованчев и неговите избраници уште еднаш потфрлија, губејќи го натпреварот со резултат 46-57, па сега имаат само минимални шанси за опстанок.
„Црвено-жолтите“ од почеток се соочија со големи проблеми во нападот, првиот шут од поле го погодија во осмата минута, а првата четвртина ја загубија со 10-17. Цврстата одбрана и изнудените грешки на противникот придонесоа во вториот период да направиме целосен пресврт, а вистинска штета е што овој дел од мечот промашивме и голем број слободни фрлања со кои можеби и ќе се одлепевме резултатски. Вака, на одмор се замина со минимално водство на Летонците од 28-29, по што противникот практично мечот го доби на стартот од третата четвртина, кога по бројните офанзивни скокови повторно успеа да стигне до двоцифрена предност.
Нашите млади кошаркари се приближија во последниот период, но немаа сили за камбек, па Летонија заслужено го доби овој натпревар со конечни 46=57.
Македонија сега ја очекува разигрување за пласман од 13. до 16. место, при што мора да слави на двете преостанати средби ако сака да обезбеди опстанок. Прва ќе биде онаа в сабота против поразениот од вечерашниот меч меѓу Турција и Израел. Пораз на овој дуел ќе значи и автоматско испаѓање, додека во случај на победа, в недела нашите кадети ќе играат против победникот од Белгија – Црна Гора во меч „да се биде или не“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА