ЕКИПА во Букурешт,
Владимир Булатовиќ, Никола Станикевски, Роберт Спасовски (ФОТО)
Македонската репрезентација го доживеа и вториот пораз на ЕВРО 2020, овој пат со 2-1 од Украина на националната арена во Букурешт. Сосема заслужена победа на Украинците кои беа подоминатна селекција со одлично одиграно во прво полувреме и промашен пенал за поубедлив триумф.
Украинците од самиот почеток на мечот почнаа со жесток притисок. По неколкуте убави акции, веќе во 8. минута Малиновски одлично шутираше од 18 метри, но Димитриевски со крајни напори брани исфрлајќи во корнерот. По корнерот нова шанса за Украинците, но за малку покрај македонскиот гол.
Веќе во 11. минута, 100% шанса за Јаремчук кој избива сам пред голот на Димитриевски, но Стефан Ристовски во последен момент спречува сигурен погодок.
Во 16. минута првата можност и за Македонија. Ристовски нафрли од десната страна, а Елмас во обид од неколку метри, но покрај голот на Украинците.
Во 23. минута повторно напад на украинскиот тим преку Јармоленко по левата страна, но Димитриевски ја одбива топката во поле. Во 28. минута во убава шанса повторно Јармоленко, но и овој пат македонската одбрана поуспешна. И веќе во 29. минута, кога веќе голот висеше во воздух, по корнерот од левата страна, топката се прошета покрај гол-линијата и на вториот дирек Андреј Јармоленко ја смести во мрежата на Димитриевски.
Во 34. минута веќе 2-0 за Украина. Нова извонредна акција, во празно проигран РОман Јаремчук кој ниско по земја шутира за дуплирана предност на жолтите.
Во 38. минута Пандев стрела во мрежата на противникот, но оправдано поништен гол поради офсајд-позиција. Веќе во 40. минута нова шанса за Украина, но Димитриевски брани, сето тоа за 2-0 на полувремето за противници.
На стартот од второто полувреме две замени во македонски тим, влегуваат офанзивците Дарко Чурлинов и Александар Трајковски, со желба за поофанзивна игра. Па, веќе во 47. минута одлична акција Пандев и Адеми, кој шутира од десеттина метри но Бушчан брани.
Во 50. минута извонредно изведен слободен удар од Малиновски од десната страна од 22 метри, но Димитриевски спречува нов гол. По корнерот нова шанса за Украинците, но македонскиот голман сега брани на гол-линијата.
И во 55. минута извонреден шут на Александар Трајковски од 22 метри. Дирекот спречува гол, но на одбиената топка натрчува Пандев кој е соборен во противничкиот шеснаесетник. Пенал-ударот во 57. минута на Алиоски го брани Бишчан, но на одбиената топка повторно натрчува Алиоски кој сместува во мрежата за 2-1.
Во 68. минута нов одличен обид на Трајковски од истата позиција како пред првиот гол на Македонија, но украинскиот голман брани исфрлајќи во корнер.
Во 74. минута нововлезениот Циганков имаше 100% шанса и за 3-1, но осамен пред голот на Димитриевски од само 12 метри шутира покрај голот.
И, во 82. минута прва ВАР-ситуација на дуелите на Македонија на ЕВРО 2020. По прегледувањето на снимката судиите одлучија дека има играње со рака на Аврамовски во македонскиот шеснаесетник. Но, Столе Димитриевски во 84. минута го брани ударот од пенал на Малиновски.
На крајот само јалови напади на македонскиот тим со само еден шут на Трајковски од далечина, до крајот за израмнување, за конечен триумф на Украина од 2-1.
ЕВРО 2020 – ГРУПА Ц (2. коло)
УКРАИНА – МАКЕДОНИЈА 2-1 (2-0)
Национална арена во Букурешт. Гледачи: 15.000. Главен судија: Фернандо Рапалини (Аргентина). Стрелци: Јармоленко 29′, Јаремчук 34′ (У) – Алиоски 57′ (М).
УКРАИНА: Бушчан, Караваев, Забарнил, Матвиенко, Миколенко, Степаненко, Шапаренко (79′ Сидорчук), Зинченко, Јармоленко (70′ Циганков), Малиновски, Јаремчук (70′ Беседин)
Селектор: Андреј Шевченко
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски (84′ Тричковски), Муслиу, Николов (46′ Трајковски), Спировски (46′ Чурлинов), Адеми (84′ К. Ристевски), Барди (77′ Аврамовски), Алиоски, Елмас, Пандев
Селектор: Игор Ангеловски
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА