Пораз и во Португалија: Добри 25 минути, но потоа пад од кој немаше враќање

Ракометната репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз на двомечот со Португалија во квалификациите за ЕП 2024, овојпат на гостувањето во Порто со убедливи 32-27. „Црвено-жолтите“ одиграа квалитетни 25 минути во кои целосно му парираа на големиот фаворит, но тоа нема да се памети по очајното издание во остатокот од мечот, во кој бевме целосно надиграни. Честите црни серии без погодок, но и слабата одбрана во второто полувреме се нешто за што Кире Лазаров ќе треба што поскоро да најде одговор, за Македонија да се врати на вистински пат, пласманот на ЕП е речиси осигуран без оглед на овие два порази, но факт е дека „црвено-жолтите“ ќе мораат сериозно да ја кренат играта до следниот јануари, за да се прикажат во сериозно подобро светло на континенталниот собир.

Селекторот Лазаров се реши овој натпревар да го почне со Мартин Томовски на голот, по одличниот настап на голманот на Вардар во второто полувреме на мечот во Скопје. Одбраната функционираше на ниво од стартот на мечот, па Македонија по првите пет минути игра имаше водство од 1-3. Проблемите со реализацијата на пеналите продолжија со промашениот седмерец на Кузмановски при 2-3, a казната стигна со три гола во низа за Португалија и водство на домаќините од 5-3. Јагуриновски ја прекина црната серија од шест минути без постигнат гол на Македонија.

По 15 минути игра резултатот гласеше 5-4 за домаќините, а португалскиот селектор го побара првиот тајмаут при водство на неговата селекција од 6-5. Македонија сепак стигна до израмнување од 6-6 преку Митев, a потоа продолжи со одлина игра и со двата гола на Серафимов поведе со 7-8.  Кузмановски презеде одговорност во нападот, со асистенција до Џонов, а потоа и со прекрасен погодок одржувајќи го минималното водство на нашиот национален тим (8-9, 9-10). Кире Лазаров побара тајмаут при наше водство од 10-11, но повторно се соочивме со период на проблеми во нападот, а Португалија постигна пет гола до крајот на полувремето и на одмор замина со водство од 15-11.

Кризата продолжи и на стартот од второто полувреме, откако Костески промаши зицер од крило при првиот напад во второто полувреме, а Португалија лесно ја зголеми предноста до 18-11. Серафимов од седум метри ја прекина серијата на противникот со својот четврти гол на мечот, прекинувајќи ја црната серија од нецели десет минути без погодок на нашиот национален состав. Лазаров се обиде и со Митревски на голот на местото на Томовски, но одбраната се мачеше со португалските „седум на шест“. Селекторот на Македонија побара тајмаут, неколку минути подоцна го врати и Томовски на голот, што овозможи мини-серија на нашите ракометари и намалување на негативата на 23-18. Сепак, повторно дојде до пад во нападот што Португалците го претворија во експресно водство од 26-18, принудувајќи го Лазаров да го земе својот последен тајмаут на мечот на петнаесетина минути до крајот. Финишот мина во знакот на нашите ракометари, кои знаеја како да го искористат опуштањето во португалскиот табор,и да ја намалат негативата до конечните 32-27.

Филип Кузмановски беше најдобар ракометар во нашиот табор со десет погодоци, пет постигна Серафимов, додека Костески беше трет стрелец со три постигнати погодоци.

Македонија останува во пол-позиција за пласман на ЕП 2024, за што печат во овие квалификации ќе треба да се слави на последните две средби, на гостински терен против Луксембург и пред своите гледачи со Турција.

Се вчитува...