Тројка за победа на Хјустон, нов „трипл-дабл“ за Расел Вестбрук, пораз на Кливленд и пресврт победа на Голден стејт се нештата кои ја одбележаа вечерта во НБА лигата.
Ерик Гордон погоди, буквално од корнер, со звукот на сирената за славје на Хјустон на гостувањето против Филаделфија со 105-104, додека Расел Вестбрук запиша 28 поени, 16 асистенции и 10 скока во славјето на Оклахома над Индијана од 114-96.
Веќе втор „трипл-дабл“ сезонава запиша и Леброн Џејмс со 29 поени, 13 асистенции и 10 скока, но вицешампионите неочекувано загубија од Бруклин со 112-107.
Некако, се чинеше дека и Голден стејт ќе доживее пораз изминатава ноќ откако Торонто долго водеше во „Оракл арената“, но Стеф Кари и Клеј Томпсон ја презедоа работата во свои раце и со тројки режираа пресврт победа на Вориорси од 117-112.
Сан Антонио, пак, го зачува 100% ефект и после четири меча, сега со триумфот на Мајами од 117-110, Далас како домаќин славеше против Мемфис со 103-94 за прво славје сезонава, а прва победа забележа и Феникс славејќи над Јута со 97-88. Лејкерси во Лос Анѓелес го изненадија Вашингтон победувајќи со 102-99.
Никола Јокиќ забележа 18 поени и 11 скока, но Денвер загуби на гостувањето од Шарлот со 110-93. Додека Детроит пред своите навивачи славеше против Минесота со 122-101. Тобајас Херис беше одличен кај Детроит со 34 поени и четири скока, а Ејвери Бредли дополни со 20 поени. Кај гостите од Минесота најдобар беше Карл-Ентони Таунс со 23 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА