ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Скршени се срцата на македонските репрезентативци по вечерашниот трилер меч против Чешка, што го одиграа одлично 50 минути, но немаа сили да го довршат во ист ритам, па на крајот загубија со 24-25, дуел во кој Дејан Манасков во последната секунда промаши пенал. Дури и без помошта на капитенот Кире Лазаров нашите ракометари им држеа лекција по ракомет на Чесите, но се е попусто кога не се успеа да се стигне барем до бод против секогаш незгодниот противник.
Македонија го почна мечот без Лазаров, со Мартин Велковски на позицијата десен бек, но клучна беше нашата беспрекорна одбрана во првите десет минути на чело со одличниот Борко Ристовски. Во нападот „командант“ беше Филип Миркуловски, па по десет минути игра Македонија поведе со 5-2. Пешевски во ситуација со играч повеќе изнуди пенал, па во игра влезе Кире Лазаров, за сигурна реализација и водство од 6-2, по што чешките селектори Филип и Кубеш побараа тајмаут. Чесите набрзина намалија на 7-5, па Раул Гонзалес побара тајмаут за да им подели совети на своите ракометари.
Веднаш ја вративме неопходната цврстина во одбраната, правевме две замени со Јоноски и Велко Маркоски во дефанзива, додека на спротивната страна Прибак асистираше до Манасков и Пешевски за ново водство на Македонија од четири гола (11-7). Не искористивме и два напади за „плус пет“, по што Хорак казни од контранапад. Имавме и 12-8 и напад со играч повеќе, но наивно погрешивме и Чесите повторно реализираа од контранапад. Нов напад и повторно нереализиран шут, овојпат на Георгиевски, Чесите дојдоа и до 12-10 со играч помалку, за нивната мини-серија да ја прекине Манасков, по новата асистенција на Мартин Велковски, за на одмор да заминеме со предност од 13-11 со голот на Слахта на пет секунди до крајот на полувремето.
На стартот од вториот дел Гонзалес го уфрли Мартин Поповски на местото на Георгиевски, по што веднаш заигравме и 5-1 во одбраната. Во првите осум минути примивме само еден гол, на спротивната страна три во серија нанижа Талески, за прво водство на Македонија од пет гола разлика (17-12) и нов тајмаут на чешките селектори. Следеше период во кој се играше „гол за гол“, за потоа да промашиме неколку напади во серија, противникот да намали на 21-19, откако Мрква застана на голот на Чешка.
Раул Гонзалес побара тајмаут при водство на Македонија од 22-20, на десет минути до крајот, но не реализиравме два напади во низа, а Здрахала намали на 22-21. Мрква му одбрани шут и на Манасков, па следеше израмнување на 22-22 во 24. минута од натпреварот. Работата стана сериозна, Македонија во последните 12 минути постигна само два гола, па Гонзалес го зеде и последниот тајмаут. Мрква го одбрани зицерот на Велковски, но Манасков блесна во вистински момент и ја смести одбиената топка во мрежата за ново водство на Македонија. При 23-23 добивме пенал и исклучување, но Лазаров не беше прецизен од седум метри, давајќи им шанса за прво водство на Чесите на овој натпревар.
Ристовски најпрвин одбрани, но Чесите добија нова шанса и Хорак реализираше за нивно водство од 23-24. Имавме уште еден напад со играч повеќе, но Талески лошо проигра и Чешка влезе во последните три минути со минимална предност. Талески изнуди пробивање, а потоа младиот Велковски ја презеде одговорноста на себе и погоди за 24-24. Десниот бек Кашпарек уште еднаш биеше незапирливо за својот шести гол на мечот, за потоа во последниот напад повторно да направиме грешка. На крајот сепак добивме уште една шанса, Манасков погоди, но судиите покажаа дека времето истекло, досудувајќи пенал.
Токму Дејан Манасков ја презеде одговорноста, но промаши кога беше најважно и Чешка стигна до голема победа од 24-25.
Вистинска штета, со оглед на одличната и храбра игра на нашите ракометари во речиси целиот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА