Македонската ракометна репрезентација беше поразена со 27-32 од Русија во единствениот контролен натпревар што составот на Раул Гонзалес го имаше во текот на оваа ЕХФ-недела.
Македонскиот селектор се соочи со многу проблеми со составот откако Кире Лазаров и Стојанче Стоилов отпаднаа од комбинација за настап во текот на оваа седмица, а згора на тоа денеска на теренот не се појавија ниту Борко Ристовски и Гоце Георгиевски.
Гонзалес реши да им даде шанса на помладите, често го ротираше тимот, а таквиот пристап вроди со плод во првото полувреме. Нашиот напад беше незапирлив за руската одбрана, па Македонија замина на одмор со предност од 19-15. Вторите 30 минути донесоа сосема поинакво лице на нашиот национален тим, нападот воопшто не функционираше, па до крајот на мечот Македонија постигна само уште осум погодоци. Рускиот состав, кој настапи со поискуни ракометари во однос на нашите, знаеше како да го искористи тоа и на крајот славеше со 27-32.
Со оглед на бројните отсуства, овој пораз сигурно не треба премногу да загрижува, а Раул Гонзалес е свесен дека вистинскиот предизвик претстои во јуни – баражот за пласман на СП 2019 против селекцијата на Романија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА