Пораз во Талин за крај на сонот наречен Евробаскет 2025

Македонската кошаркарска репрезентација претрпе пораз од 84-65 на гостувањето против Естонија, резултат со кој и дефинитивно беше ставен крај на нашите надежи дека можеме со победа да останеме во игра за последниот билет за Евробаскет 2025. Предводени од Димитријевиќ и од Шортс нашите кошаркари одиграа квалитетно прво полувреме во кое имаа и мионимална предност, но не успеавме да најдеме одговор за агресивната одбрана на домаќините во остатокот од мечот, што се покажа како клучен фактор за конечниот исход.

Дуелот почна лошо за нашата репрезентација, ако се знае дека Естонците од самиот старт наметнаа силно темпо, за помалку од три минути поведувајќи со 9-2. Димитријевиќ ги постигна првите осум поени за Македонија, намалувајќи на 11-8, но Естонците лесно влегуваа во нашиот рекет користејќи го недостигот на високи кошаркари во македонскиот табор. Шортс ги постигна првите поени намалувајќи на 13-10, но следеа пет поени во низа за домаќините, по што селекторот Јончевски при негатива од осум поени (18-10) го побара првиот тајмаут на натпреварот. Робев постигна тројка веднаш по тајмаутот, a првата четвртина заврши со 22-17 за естонскиот состав.

Почетокот на втората четвртина мина во знакот на Ти-Џеј Шортс, нашиот репрезентативец беше незадржлив и експресно донесе израмнување од 24-24, принудувајќи го естонскиот селектор на тајмаут на почетокот од 13. минута. Шортс од линијата за слободни фрлања донесе и предност од 24-26, a Андреј Маслинко презеде одговорност, постигна шест поени во низа и донесе предност од 34-35. Печат на првото полувреме стави токму Маслинко на асистенција на Шортс, па на одмор заминуваме со предност од 38-39.

Третиот период почна во израмнета игра, а Естонците први се одлепија со серијата тројки на Конончук и поведоа до 50-44. Димитријевиќ погоди тешка тројка и ја преполови негативата, но повторно влеговме во серија нереализирани напади што домашниот состав ги искористи за водство од 56-47. Сандер Рајесте атрактивно заби од контранапад за прво двоцифрено водство на Естонија во 30. минута (58-48), по што со поените на Димитријевиќ од линијата за слободни фрлања третата четвртина заврши со 58-50 за Естонија.

И на почетокот од четвртата четвртина продолживме да инсистираме на шут од далечина, но тоа не вроди со плод, па во 33. минута резултатот гласеше 62-52 за домашната селекција. Поради убедливата негатива брзавме во нападите, но во тоа брзање се грешеше и промашуваше, па Естонија се искачи и на 12 поени позитива пред селекторот Јончевски да побара тајмаут. За жал, естонската доминација продолжи до самиот крај, па Македонија на крајот претрпе незаслужено преубедлив пораз од конечни 84-65.

Шортс имаше 21 поен и 6 асистенции, Димитријевиќ реализираше 20 поени, а двоцифрен беше само уште Маслинко со 15 поени. Очекувано, ја загубивме битката под обрачите (47-30 во скокови за Естонија), а не функционираше ниту нашиот шут за тројка (7/32).

Македонските кошаркари в понеделник ќе го завршат овој квалификациски дуел со домашен дуел со Полска, натпревар што ќе биде без преголемо резултатско значење бидејќи нашата селекција ги загуби сите шанси за пласман на Евробаскет 2025, а Полска како ко-домаќин ќе биде дел од континенталниот собир.

Се вчитува...