Пораз за збогум во ЛШ – Металург прегазен од Мотор Запорожје

Ни трибинската поддршка од Лино Червар, ни домашниот терен не беа доволни за Металург да ја прекине поразителната серија во Лигата на шампионите. Во последниот натпревар на домашен терен од годинашната сезона во ЛШ, „металурзи“ загубија од Мотор Запорожје со 22-30. Во завршното коло од групната фаза, Металург на 2 декември ќе гостува во Лисабон против Спортинг. За Металург ова е вкупно шести пораз во девет одиграни натпревари во групната фаза кој на едно коло пред крај го спушта македонскиот вицешампион на дното на табелата во групата Д.

lino na tribini

Иако пред натпреварот од таборот на Металург најавуваа реприза од првиот меч во Украина во кој освоија бод против Мотор (28-28), на теренот во СЦ „Борис Трајковски“ беше друга слика. Украинскиот тим уште од стартот воспостави контрола на играта и на резултатот и во сите сегменти потврди дека е голем фаворит во овој дуел со Металург. Александар Јовиќ стартуваше со ризичните „7 на 6“ во нападот, но од  Мотор подготвено одговорија на очекуваната игра на домаќинот и  брзо дојдоа до убедли 5-1. Тоа им донесе доминација уште на стартот и најава дека Украинците максимално сериозно се подготвиле за овој возвратен дуел против Металург со кој го потврдија второто место во групата и пласманот во следната рунда.

metalurg motor n2

Александар Јовиќ со неколку ротации се обидуваше да го најде вистинскиот состав и да одговори на темпото што го наметна противникот. Но, Металург тешко успеваше да се справи со мотивираниот гостински состав кој со сигурна игра  успешно ја одржуваше предноста од 4-5 гола. Металург во последниот напад од првиот дел не искористија зицер ситуација, а Мотор казни со погодок од далечина за 11-16.

metalurg motor n1

Во второто полувреме Металург се обиде со мобилна игра во одбраната и со подлабока зона да ги исфрли од игра бековите на Мотор Запорожје, а на тоа се надоврза и голманот Дарко Арсиќ со три одбрани во серија. Но, сигурната игра во одбраната, не беше ефектуирана и со ефикасност во нападот. Металург не искористи неколку шанси, меѓу кои и седмерец, да намали на три гола разлика. А, Мотор знаеше тоа да го казни и со неколку лесни голови да се одлепи на 13-22. Металург за 13 минути постигна само два гола, премалку за да може да му парира на противник како Мотор Запорожје и далеку од шанса да направи пресврт.

metalurg-motor nАлександар Гуглета конечно ја прекина лошата серија на „металурзи“ постигнувајќи погодок за 14-22, но убедливата предност и комплетната доминација до крај остана на страната на гостинскиот тим. Во последната четвртина, Мотор влезе со двоцифрена предност зголемувајќи ја разликата на 15-25 и до крај рутински и без поголем отпор од „металурзи“, го потврди триумфот.

Дарко Димитриевски постигна пет гола од пет обиди, четири запиша Халил Јагањац, а по три гола за Металург реализираа Жарко Пешевски и Александар Гуглета. Кај Мотор Запорожје најефиканси беа Артем Козакевич со пет и Алексеј Шинкел со четири гола.

Се вчитува...