Порази на фаворитите: Боливија го шокираше Бразил, Аргентина загуби од Еквадор (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Боливија приреди едно од најголемите изненадувања на јужноамериканските квалификации за Светското првенство во 2026 година – го победија моќниот Бразил со 1:0 на голема надморска височина од 4.150 метри, во градот Ел Алто.

Со победата против „Кариоките“, репрезентацијата на Боливија го обезбеди седмото место на табелата и пласман во меѓуконтиненталниот плејоф, оставајќи ја зад себе селекцијата на Венецуела, која претрпе тежок пораз против Колумбија (6:3). 

Клучниот момент се случи во судиското продолжение од првото полувреме, кога Мигел Терсерос постигна пенал за историските 1:0. Тоа беше гол кој ги запали трибините на стадионот, но и им зададе сериозен удар на Бразилците, кои во остатокот од натпреварот не успеаја да возвратат, и покрај тоа што важеа за фаворити. 

Претходно шок доживеа и селекцијата на Аргентина, која загуби од Еквадор со 1-0. Сепак, тоа немаше никакво значење, со оглед дека Аргентинеците и пред последното коло го имаа обезбедено првото место на табелата. Исто како и Бразил, и Аргентина доживеа шок во судиското надополнување од првиот дел кога Едер Валенсија погоди од белата точка. Аргентина остана со играч помалку по исклучувањето на Отаменди во 31. минута. Силите беа израмнети во 50. минута кога Каиседо од Еквадор заработи исто така исклучување.

Се вчитува...