По завршувањето на настапот на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Франција се сумираат резултатите и се мери што беше остварено, што е реално, а што можеше да биде подобро.
Една од најголемите дилеми на овој мундијал беше изборот на голманите и тоа дали настапот на СП со двајца дебитанти на голот е добра одлука или погрешна проценка на селекторот Лино Червар.
Од списокот за СП беше изоставен голманот на Барселона, Борко Ристовски, а голманот на Бенфика, Никола Митревски мундијалот го гледаше од трибините. На голот на Македонија на ова СП беа двајца дебитанти од домашниот шампионат, ветеранот Кирил Колев од Пелистер и Благојче Трајковски кој брани за Охрид.Според официјалчната статистика, македонските голмани имаа скромен учинок на овој мундијал. Поединечно, Колев на шест натпревари имаше 37 одбрани од 129 шутеви кон голот, со 29% на успешност и три одбранети седмерци од 14 шутеви од седум метри. Трајковски има 18 одбрани од 76 шутеви кон голот или 24%, еден од седум седмерци, и три погодоци од три шута кон празен противнички гол.
Според вкупната тимска статистика за учинокот на голманите, Македонија е на 21.место меѓу 24 учесници на мундијалот, со вкупно 59 одбрани од 230 шутеви што процентуално е 26% на успешност. Според овие статистички показатели, Македонија има најслаба голманска поддршка од сите европски репрезентации на ова СП. Зад нас според процентуалниот учинок на голманите се Саудиска Арабија, Јапонија и Ангола.
Како куриозитет стои и податокот дека само Македонија и последнопласираната Ангола имаат во просек помалку од десет одбрани по натпревари, или помалку од 60 одбрани на шест, односно седум одиграни натпревари на овој ракометен мундијал.
Македонија на ова СП стигна до осминафиналето и заврши на 15.место на мундијалот што е најслаб пласман на последните четир од вкупно петте настапи на СП. Послаб настап од 15.место во Франција, македонската репрезентација имаше на првото СП 1999 во Египет кога заврши на 18.позиција. Највисокиот пласман на ракометните мундијали, Макеоднија го оствари на СП 2015 во Катар на кое го освоивме 9.место. На СП 2009 во Хрватска бевме на 11, а на СП 2013 во Шпанија бевме на 14.место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА