На нешто повеќе од месец дена од Европското ракометно првенство 2026 кое ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка, веќе се анализираат и можностите на македонската репрезентација за нови позитивни резултати на интернационалната сцена.
Македонија ја чека повеќе од тешка задача во Хернинг, во групата со домаќинот Данска, но и силните селекции на Португалија и на Романија.
Капитенот на Спортинг, Салвадор Салвадор во поопширно интервју за ЕХФ, меѓу останатото ги изнесе и своите очекувања за дуелите во групната фаза на Европското првенство.
„Имаме тешка група, играме против можеби најголемиот фаворит за освојување на натпреварувањето, Данска, која исто така игра дома, а потоа се соочуваме со две екипи кои исто така имаат свои цели и за кои знаеме дека воопшто нема да биде лесно, Македонија и Романија“ – вели Салвадор и дополнува:
„Свесни сме за нивото на екипите во нашата група, свесни сме за нивото на игра на Европско првенство, а исто така сме свесни и за тоа што сакаме и за целите што си ги поставивме. Значи, мислам дека ќе биде тешка група, особено затоа што се соочуваме со најголемиот фаворит, но сме многу решени да се бориме и сме многу посветени на пласман во главната рунда“.
Македонија настапот на ЕП ќе го почне на 16. јануари против Данска, а два дена подоцна е дуелот токму со Португалија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

