Фудбалската федерација на Португалија мораше итно да реагира со официјално соопштение по шпекулациите дека капитенот на националниот тим, Кристијано Роналдо имал жестока расправија со селекторот Фернандо Сантош и се заканил дека ќе си замине од Светското првенство во Катар.
Европските медиуми утрово беа преплавени со информацијата дека Роналдо бил крајно разочаран од одлуката на Сантош да го остави на клупата во осминафиналниот дуел со Швајцарија по што имале голема меѓусебна расправија. Од таборот на Португалија сега фицијално сето тоа го демантираат…
„Сакаме да нагласиме дека капитенот на националниот тим, Кристијано Роналдо во ниту еден момент не се заканил дека ќе ја напушти репрезентацијата за време на СП 2022 во Катар. Кристијано Роналдо секојдневно ја зголемува својата репутација во служба на репрезентацијата и својата земја, што ја покажува неговата апсолутна посветеност. И тоа мора да биде почитувано“ – се вели меѓу другото во соопштението од Португалската фудбалска федерација.
Селекторот Фернандо Сантош на вчерашната прес-конференција исто така потенцираше дека нема никаков проблем со Роналдо и дека нивната врска останува непроменета. Во осминафиналето, Португалците ја декласираа Швајцарија со 6-1, а Роналдо влезе во игра од клупата во финишот од средбата. Следен противник на Португалија е Мароко во четвртфиналето кое се игра во сабота на 10. декември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА